Насилството меѓу децата станува сè позагрижувачка појава, а дополнителен проблем е тоа што младите сè потешко ја препознаваат границата меѓу виртуелниот и реалниот свет. На ова предупреди јавната обвинителка Спасенка Андонова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Според неа, зголемувањето на бројот на пријавени случаи може да биде резултат на поголемата свесност кај жртвите, но истовремено може да укажува и на реален пораст на насилството.
Андонова посочи дека нејзината лична проценка е дека насилното однесување станува сè поприсутно, особено кај младите.
„Мојата лична перцепција е дека е зголемено присуството на насилството. Ако тоа го гледаме низ призмата на однесувањето на децата, тоа е особено доминантно присутно“, изјави Андонова.
Таа предупреди дека децата се изложени на различни содржини на интернет, кои понекогаш ги прифаќаат како нормален образец на однесување.
Особено загрижува отсуството на емпатија во ситуации кога едно дете е жртва на физичко или психичко насилство од своите врсници.
Наместо да помогнат, дел од присутните деца ги снимаат насилните инциденти со мобилни телефони, ги објавуваат на социјалните мрежи или дополнително ја поттикнуваат атмосферата на насилство.
Според обвинителката, ваквото однесување укажува на сериозен проблем со препознавањето на последиците што насилството ги остава врз жртвите.
Таа смета дека образовниот систем и родителите мора да имаат многу поактивна улога во превенцијата.
„Насилството се прифаќа како нормално однесување, што е неприфатливо“, нагласи Андонова.
Обвинителката предупреди дека проблемот не се однесува само на возрасните, туку започнува уште во најраната возраст, кога децата ги формираат своите ставови и модели на однесување.
Токму затоа, според неа, неопходна е поголема контрола врз содржините достапни на интернет, но и постојана едукација за почитување на другите, нивното достоинство и личната безбедност.