Украина е подготвена веднаш да започне нови мировни разговори со Русија, со посредство и директно учество на САД и европските земји. Украинскиот претседател Володимир Зеленски порача дека Киев нема намера да го одложува дипломатскиот процес, но инсистира на заеднички став со западните партнери пред почетокот на преговорите.
Обраќајќи се преку видеоврска на парламентарен собир на НАТО во Берлин, Зеленски истакна дека четиристраната средба треба да се организира што е можно побрзо, по можност и пред Божиќ, како што предлагаат дел од партнерите.
„Подготвени сме буквално уште утре“, порача Зеленски, нагласувајќи дека во разговорите мора да учествуваат Украина, Русија, САД и Европа.
Според украинскиот претседател, европските држави мора да имаат директна улога во одлучувањето за идната безбедносна архитектура на континентот. Тој посочи дека Вашингтон прифатил европски претставници да бидат вклучени во дипломатскиот процес.
Киев бара пред средбата да се усогласат ставовите со американските и европските партнери, особено во делот на безбедносните гаранции. Зеленски предупреди дека евентуален договор не смее да се сведе на краткотраен прекин на огнот што би ѝ оставил простор на Русија повторно да започне воени дејства.
Украинскиот претседател побара јасно да се дефинира како сојузниците би реагирале во случај на нов напад, дали би имало присуство на странски војници во Украина и кои држави би презеле конкретни обврски за нејзина заштита.
Тој повторно нагласи дека членството во НАТО останува стратешка цел на Украина, оценувајќи дека стабилна и силна украинска армија е важна и за безбедноста на Европа.
Иако дипломатските контакти се интензивираат, засега нема официјално потврден датум или локација за новата средба. Германскиот канцелар Фридрих Мерц претходно ја поддржа можноста за ваков формат на преговори, а Обединетите Арапски Емирати беа споменати како потенцијално место за нивно одржување.
Главниот услов на Киев останува постигнување мировен договор што ќе обезбеди долгорочна безбедност и ќе спречи повторување на руската агресија.