Дигиталните сервиси на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се во процес на санација и безбедносна проверка по сајбер-нападот што ја погоди институцијата во текот на изминатата недела. Од Универзитетот информираат дека инцидентот е пријавен до надлежните институции, а направена е и детална форензичка анализа.
Веднаш по откривањето на неовластената активност, техничките тимови ги изолирале засегнатите системи, постапувајќи според безбедносните протоколи, со цел да се спречи понатамошно ширење на нападот.
Случајот бил официјално пријавен до Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ЦИРТ), како и до другите надлежни институции. Во изминатите денови, стручен тим за дигитална форензика и сајбер-безбедност, заедно со информатичките служби на Универзитетот, спровел детална анализа на инцидентот.
Од УГД нагласуваат дека резервните копии на универзитетските системи и бази на податоци се зачувани и се во добра состојба, што овозможува контролирано враќање на дигиталните услуги.
Во моментов се работи на целосна санација на инфраструктурата, по што електронските сервиси постепено ќе бидат повторно ставени во функција. Пред нивното активирање ќе бидат спроведени дополнителни безбедносни проверки.
Студентите и вработените ќе бидат навремено известени за секој обновен сервис преку официјалните канали на Универзитетот.
Од институцијата информираат дека наставниот и административниот процес продолжиле без прекин, со приспособувања поради недостапноста на дел од дигиталните платформи. Во меѓувреме, студентите можат да ги добијат потребните потврди и документи во физичка форма, на шалтерите на студентските служби.
Оваа практика ќе продолжи сè до целосното враќање на електронските услуги, соопштуваат од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.