Наместо досегашниот начин на користење на субвенционираниот студентски оброк, Владата подготвува нов модел со кој студентите ќе можат да остваруваат попусти не само за храната што ја купуваат со државната субвенција, туку и за дополнителните производи што ги плаќаат со сопствени средства.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска објасни дека за оваа намена ќе биде изработена посебна мобилна апликација преку која студентите ќе добиваат 20 отсто попуст од вредноста на сумата за субвенциониран оброк. Истовремено, истиот попуст ќе важи и за дополнителните купувања кај операторот кај кој го користат оброкот, без разлика дали станува збор за продавница, пекарница или ресторан.
За функционирањето на новиот модел веќе се разговарало со студентските претставници, а формирана е и работна група која ќе работи на подготовката на софтверското решение.
Јаневска информираше дека на првата средба студентските претставници позитивно го оцениле предложениот концепт. Сепак, студентските собранија на факултетите треба дополнително да се консултираат и да достават заеднички став до Министерството за образование и наука.
„Во овој момент ние ќе го исплаќаме редовно она што ни е законска обврска, 140 денари, а од нив ќе чекаме одговори“, изјави Јаневска.
Владата во следниот период ќе објави јавен повик за пријавување на што поголем број економски оператори кои ќе сакаат да учествуваат во системот. Ќе бидат избрани оние што ќе ги исполнат предвидените услови за безбедност и квалитет на храната, кои, според министерката, нема да бидат премногу строги, но ќе мора да гарантираат соодветна понуда.
Јаневска се осврна и на прашањето за усогласувањето на износот на студентскиот оброк со инфлацијата. Според пресметките, дневниот износ би требало да изнесува 156 денари, но таа посочи дека законската регулатива не е доволно прецизна. Во Министерството веќе пристигнале три тужби до Управниот суд поради различното толкување на законот, а одлуката на судот ќе биде почитувана.
На новинарските прашања за доделувањето стипендии на учениците, министерката одговори дека апликациите се разгледуваат под шифри и дека стипендиите се доделуваат според утврдени критериуми, а не според етничката припадност. Таа најави дека по поднесените приговори ќе биде направена дополнителна ревизија на постапката.