По нападот врз доктор и медицинска сестра од Итната медицинска помош во Скопје, повторно се отвори прашањето за безбедноста на здравствените работници при извршувањето на нивните работни задачи. Министерот за здравство Сашо Клековски смета дека дополнително обезбедување е оправдано на одредени локации, но нагласува дека не е реално секоја екипа на Брзата помош да има физичка заштита.
Одговарајќи на новинарско прашање, Клековски го осуди нападот и посочи дека мора да се процени каде е најпотребно присуството на дополнително обезбедување.
„Во однос на заштитата на здравствените работници, мислам дека во основа осудата е тука. Ангажирање на дополнително обезбедување можам да кажам дека е оправдано на одредени точки, меѓутоа дека ние ќе имаме обезбедување со секоја брза помош е невозможно“, изјави министерот.
Како пример за потребата од поголема заштита на одредени места, тој го посочи периодот кога бил директор на Фондот за здравствено осигурување. Тогаш, како што објасни, сопственото обезбедување го пренасочил во Букурешт, каде што се наоѓа Комисијата за боледувања, бидејќи нејзините членови постојано биле изложени на притисоци од незадоволни пациенти.
Клековски нагласи дека безбедносните мерки треба да се насочат таму каде што се најнеопходни, додавајќи дека не може целата држава да се претвори во полициска држава.
Нападот се случил на 21 ноември, околу 17:30 часот, пред Поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје. Докторот и медицинската сестра биле на работното место и се подготвувале да заминат на теренска интервенција кога биле нападнати. Според објавените информации, во инцидентот учествувале татко и син, а двајцата здравствени работници се здобиле со телесни повреди.
Нападот го осуди и Лекарската комора, од каде побараа итно расчистување на случајот и санкционирање на одговорните. Комората најави и правна и психолошка поддршка за повредените здравствени работници.
Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, пак, побара конкретни мерки за зголемување на безбедноста на медицинскиот персонал, како во здравствените установи, така и при интервенциите на терен.