Македонија

Вечерва на небото изгрева супермесечина – највпечатлива ќе биде ниско над хоризонтот

Вечерва на небото изгрева супермесечина – највпечатлива ќе биде ниско над хоризонтот

Љубителите на астрономијата вечерва ќе имаат можност да уживаат во посебна глетка на ноќното небо. На 24 ноември ќе биде видлива ноемвриската полна Месечина, позната како „боброва месечина“, која годинава има и статус на супермесечина поради нејзината близина до Земјата.

Во Скопје, Месечината се очекува да изгрее околу 15:35 часот, во правец на североисток, според астрономските пресметки на „Тајм енд дејт“. Сонцето, пак, ќе зајде околу 16:06 часот, што го прави периодот околу зајдисонцето особено погоден за набљудување и фотографирање на оваа појава.

Сепак, точниот момент кога Месечината ќе стане видлива може да зависи од локацијата, бидејќи зградите, ридовите и планините можат да го попречат погледот кон хоризонтот.

За набљудување не е потребна посебна опрема ниту телескоп. Доволно е да се избере место со отворен поглед кон источниот и североисточниот дел од небото. Оние што нема да успеат да ја видат при изгревањето, ќе можат да ја набљудуваат и подоцна во текот на ноќта, доколку временските услови го дозволуваат тоа.

Појавата на супермесечина е поврзана со елиптичната орбита на Месечината околу Земјата, поради што растојанието меѓу нив постојано се менува. Кога полната фаза се совпаѓа со периодот во кој Месечината е поблиску до Земјата, таа од наша перспектива изгледа малку поголема и посјајна од вообичаено.

Сепак, разликата во големината и сјајот не мора да биде особено забележлива со голо око. НАСА посочува дека визуелната разлика може да биде суптилна, иако супермесечината останува интересна појава за набљудување.

Ноќно студио

Најнова епизода

Дали системот реагира навреме? Ноќно студио со обвинителката Спасенка Андонова

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни