Создавањето подобри можности за вработување, професионален развој и започнување сопствен бизнис за младите било во фокусот на средбата меѓу министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и студентите од Економскиот факултет при Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.
По средбата, Дурмиши порача дека младите се најголемиот капитал на државата и дека нивниот успех не зависи само од личните амбиции, туку претставува и заедничка одговорност.
На разговорот биле разгледани можностите, предизвиците и перспективите со кои се соочуваат младите, како и нивната професионална иднина. Студентите биле предводени од деканката, професорката Букурие Имери Јусуфи, продеканката, професорката Теута Зенку и професорката Арта Ејупи.
Дурмиши истакнал дека Министерството за економија и труд останува отворено за соработка со младите, нивните идеи и иницијативи, нагласувајќи дека тие треба активно да учествуваат во креирањето на идните економски можности.
Тој посочил дека преку Оперативниот план за вработување, мерките за самовработување и поддршката на претприемништвото, институцијата работи на создавање услови младите полесно да дојдат до вработување, да напредуваат професионално или да започнат сопствен бизнис.
„Сакаме секој млад човек да знае дека зад неговите амбиции лежи поддршката од државата. Бидејќи дипломата треба да отвора врати, идејата треба да има можност да стане бизнис, а сонот треба да има можност да стане реалност. Ние не ја чекаме иднината на нашата земја, ја градиме заедно со младите“, порача Дурмиши во објавата на Фејсбук.