Сомнежи за даночно затајување и противправно присвојување трговска стока со вредност од над 344 милиони денари се причина за кривична пријава против сопственик и управител на компанија, како и против самото правно лице. Според Управата за финансиска полиција, со нивните дејствија Буџетот на државата бил оштетен за повеќе од 100 милиони денари.
Од Финансиската полиција информираат дека до Основното јавно обвинителство Скопје е поднесена кривична пријава против едно физичко лице со иницијали В.Т. и правното лице со кое управувал. Тие се сомничат за кривичните дела „Даночно затајување“ од член 279 и „Фалсификување или уништување деловни книги“ од член 280 од Кривичниот законик.
Според пријавата, во текот на 2024 година осомничениот, во својство на сопственик и управител, со однапред утврдена намера да оствари противправна имотна корист, присвоил трговска стока која била заведена како залиха на компанијата.
Неправилностите биле утврдени при физички попис спроведен од комисија формирана од стечајниот управник, при што било констатирано дека дел од евидентираната стока воопшто не се наоѓа на залиха.
Утврдениот кусок изнесувал 344.122.292 денари, а според Финансиската полиција, недостигот не бил прикажан во сметководствената евиденција на правното лице.
Притоа, не биле пресметани, пријавени и платени даночните обврски, и тоа 61.942.013 денари по основ на данок на додадена вредност (ДДВ) и 38.231.987 денари по основ на данок на личен доход.
Со ваквото постапување, осомничениот преку компанијата избегнал плаќање даночни обврски во вкупен износ од 100.173.999 денари, со што, според наводите на Финансиската полиција, бил оштетен државниот буџет.