Пријавите од граѓаните биле повод за вонредни контроли на финансиски друштва, по кои Министерството за финансии изрекло привремени забрани за работа на две компании во делот на одобрувањето кредити. Мерката ќе трае 30 дена, а на друштвата им се изречени и парични глоби согласно законските прописи.
Од Министерството за финансии информираат дека надзорот бил спроведен во последните три месеци, постапувајќи по пријави доставени од граѓани. Контролите се дел од континуираното следење на работењето на финансиските друштва, кое опфаќа вонтеренски проверки и непосредни инспекциски надзори.
Посебно внимание се посветува на претставките, пријавите и информациите што ги доставуваат граѓаните, бидејќи тие претставуваат важен извор на сознанија за работењето на финансиските друштва и можните ризици за корисниците на финансиски услуги.
Од Министерството ги повикуваат граѓаните кои сметаат дека се оштетени или имаат информации за неправилности да поднесат пријава. Тоа може да го направат преку архивата на Министерството, по пошта на адреса улица „Даме Груев“ број 12 во Скопје или на електронската адреса prijavafd@finance.gov.mk.
Во соопштението се наведува дека од јули 2024 година досега се одземени четири дозволи за работа на финансиски друштва, три друштва биле привремено затворени, а 18 биле казнети со вкупно 3.040.323 денари, односно околу 49.400 евра.
Во истиот период биле издадени и 58 писмени наредби со рокови за отстранување на утврдените неправилности.
Министерството најавува дека ќе продолжи со засилен надзор и преземање мерки во рамките на своите законски надлежности, со цел поголема законитост и транспарентност во работењето на финансиските друштва и подобра заштита на граѓаните.