Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп планира воведување дополнителни царини од 20 отсто за кинеската стока, како и зголемување на давачките за производите од Европската Унија, Јапонија, Јужна Кореја, Тајван и уште девет значајни трговски партнери на САД.
Целта на новите мерки, според американската администрација, е да се ограничи прекумерното производство во овие економии, за кое Вашингтон тврди дека е поттикнато со државни субвенции и трговски бариери. Според американските власти, ваквите практики ги ставаат домашните производители во нерамноправна положба.
Новите царини би требало да ги надоместат и приходите од увозни давачки што САД ги загубија откако Врховниот суд во февруари пресуди дека Трамп не може да прогласи економска вонредна состојба за да ги заобиколи овластувањата на Конгресот и да воведе општи царини.
Висок претставник на американската администрација, во разговор со новинарите, ги изнел деталите за планираните мерки пред објавувањето на истрагите за трговските практики во 12 земји, Европската Унија и Тајван. Тој побарал да не биде именуван, бидејќи извештаите сè уште не биле официјално објавени од Канцеларијата на американскиот трговски претставник.
Според него, царините сè уште се во фаза на предлог и засега нема конкретен рок за нивно воведување.
Администрацијата на Трамп тврди дека овие земји извезувале стоки во САД по цени пониски од оние што ги нудат американските компании, придонесувајќи за трговски дефицит во размената со стоки, кој неодамна надминал 1.000 милијарди долари годишно.
Правната основа за планираните мерки е членот 301 од Законот за трговија од 1974 година. Тој ѝ овозможува на американската влада да истражува и да реагира на странски трговски практики кои ги прекршуваат постојните договори, се сметаат за неоправдани или претставуваат дискриминација на американските производи.
Американскиот претставник посочил дека новите царини ќе бидат усогласени со трговските договори што Трамп ги постигнал минатата година со десетици земји, по заканите за значително зголемување на увозните давачки.
Посебно бил издвоен Бразил, за кој Вашингтон предлага повисоки царини за суровиот и рафинираниот шеќер, како и дополнителен намет од 10 отсто за авионите. Оваа мерка би го погодила „Ембраер“, најголемиот бразилски производител на авиони.
Кога станува збор за Кина, за одредени производи дополнителната царина од 20 отсто би се пресметувала врз веќе постојните давачки, со што вкупната царинска стапка би достигнала до 45 отсто.
Трговското примирје меѓу САД и Кина, постигнато минатата година, треба да истече на 10 јануари. Според американскиот претставник, Пекинг е запознаен со можноста за новите давачки и тие не би требало да го нарушат постигнатиот договор.
Новите мерки ќе се однесуваат на одредени производи и нема да се додаваат на посебните царини за автомобили, челик, алуминиум и други производи, кои американската администрација ги воведе врз основа на друг закон.
Најавата за новите царини доаѓа во период на засилено незадоволство од економската политика на Трамп. На неодамнешните избори за Конгресот, републиканците претрпеа пораз, а демократите освоија мнозинство во двата дома. Според анкета на Асошиејтед прес, спроведена меѓу гласачите во сите 50 американски сојузни држави, околу две третини од испитаниците сметаат дека политиките на Трамп придонеле за влошување на економската состојба.
Трамп претходно вети дека царините ќе ги вратат производствените работни места во САД и ќе го намалат федералниот дефицит. Сепак, минатогодишните царински мерки придонеле за раст на инфлацијата, што предизвикало незадоволство кај гласачите и ги поттикнало демократските законодавци да бараат одобрение од Конгресот за идните потези на администрацијата.