Македонија

Јанев: Жените мора да бидат заштитени од насилство и во реалниот и во дигиталниот свет

Јанев: Жените мора да бидат заштитени од насилство и во реалниот и во дигиталниот свет

Насилството врз жените не смее да остане неказнето, без разлика дали се случува во реалниот или во дигиталниот свет. Ова го порача директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, на денешниот настан организиран од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените.

Настанот воедно го означи и почетокот на глобалната кампања „16 дена активизам“, а во фокусот беше дигиталното насилство врз жените и девојчињата, кое сè повеќе се препознава како сериозна закана за нивната безбедност, приватност и достоинство.

Во своето обраќање, Јанев истакна дека заштитата на жените и девојчињата мора да биде еднакво загарантирана, без оглед на тоа дали насилството се случува зад затворени врати или преку дигиталните платформи. Тој нагласи дека справувањето со родово базираното и семејното насилство претставува стратешки приоритет за Бирото за јавна безбедност.

Според него, институционалниот одговор треба да се заснова на брзо, ефикасно и професионално полициско постапување, навремена проценка на ризикот и соодветна заштита на жртвите. Како важни сегменти ги посочи и подобрата соработка меѓу институциите, континуираната превенција и јакнењето на капацитетите за откривање и справување со дигиталното насилство, вклучително и обезбедувањето електронски докази.

Јанев порача дека жртвите не треба сами да се справуваат со последиците од насилството и дека пријавувањето е чин на храброст, додека одговорноста за стореното секогаш е кај насилникот.

Тој нагласи дека секоја жртва која ќе побара помош мора да биде сослушана, заштитена и да добие професионален одговор од надлежните институции.

Посебен акцент стави и на вклучувањето на младите во превентивните активности, оценувајќи дека нивната соработка е важна за градење општество засновано на доверба, почитување и заедничка одговорност.

„Посветеноста на институциите не се мери според зборовите што ги кажуваме денес, туку според сигурноста, довербата и промените што ги обезбедуваме секој ден“, порача Јанев.

Ноќно студио

Најнова епизода

Саша Богдановиќ за Српската демократска лига и изборите во Србија | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни