Во живо Ноќно студио во живо Венко Филипче Гледај
Македонија

Филипче потврди: Битиќи ќе биде потпретседател на СДСМ

Филипче потврди: Битиќи ќе биде потпретседател на СДСМ

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче потврди дека Фатмир Битиќи ќе биде нов потпретседател на партијата во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, зборувајќи за застапеноста на различните етнички заедници и за концептот „Едно општество за сите“.

„Ќе имаме потпретседател, Фатмир Битиќи, кој е Албанец“, рече Филипче, наведувајќи дека партијата има и член Албанец во Извршниот одбор, како и пратеник од влашката заедница.

Тој нагласи дека СДСМ останува на концептот „Едно општество за сите“ и дека етничката припадност не треба да биде мерило за вредноста и способностите на човекот.

„Дали си Македонец, Албанец, Турчин, не е битно. Битно е каков човек си, колку вредиш, како си едуциран, колку придонесуваш за општеството“, изјави Филипче.

Зборувајќи за меѓуетничките односи, лидерот на СДСМ порача дека Македонците и Албанците не се непријателски народи.

„Не сме ние непријателски народи, па политиката да треба да интервенира, да нè смирува“, рече тој.

Според Филипче, заедничкиот живот на Македонците и Албанците во земјава може да биде пример и во светски рамки. Тој додаде дека политиките треба да создаваат услови граѓаните да напредуваат според образованието, знаењето и професионалните способности.

Како споредба ја наведе Швајцарија, каде што, според него, при добивањето добро платена работа се важни квалификациите и познавањето јазици, а не националната припадност.

„За тоа се борам и јас и СДСМ“, порача Филипче.

На прашањето за повторното отворање на темите за балансерот, Бадентеровото мнозинство и употребата на албанскиот јазик, тој оцени дека станува збор за прашања што претходно биле затворени. Изрази сомнеж дека нивното враќање во политичката дебата служи за пренасочување на вниманието од другите проблеми.

„Логично ли е прашањето дали тоа не е намерно, затоа што нема одговор на другите прашања?“, рече Филипче во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со претседателот на СДСМ Венко Филипче

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни