Студентите кои живеат заедно ги здружуваат средствата од субвенционираниот студентски оброк, купуваат намирници во маркетите и сами подготвуваат храна за да ги намалат трошоците.
Ова го посочи Бленди Ходаи од Форумот за образовни промени, гостувајќи во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
„Секој понеделник се собираат, ако живеат тројца цимери, и одат со три картички за студентски оброк во маркет за да купуваат за цела недела и да готват дома во стан“, изјави Ходаи.
Тој нагласи дека дури и со ваквиот начин на штедење, средствата не им се доволни за целата недела.
„Ова е најекономичниот начин како тие би можеле да преживеат, но исто така ни кажуваат дека до четврток можат да се хранат со толку пари“, додаде Ходаи.