Во живо Ноќно студио во живо Бленди Ходаи Гледај
Македонија

Околу 160 пациенти чекаат бубрег – подзаконските акти го кочат доброволното дарување органи

Околу 160 пациенти чекаат бубрег – подзаконските акти го кочат доброволното дарување органи

Речиси два месеца по донесувањето на законските измени за трансплантација, дел од новите одредби сè уште не можат да се применуваат во практика поради недонесените подзаконски акти. Граѓаните и натаму немаат можност кај својот матичен лекар да потпишат согласност за дарување органи по смртта.

Со законските измени се проширува и кругот на потенцијални дарители, со што се овозможува трансплантација меѓу подалечни роднини. Веќе има медицински подготвени парови кои чекаат одобрение од Етичката комисија при Министерството за здравство.

„Веќе имаме и медицински спремни парови. Чекаме на одобрување од етичката комисија при Министерството за здравство и тие парови веќе можат да се трансплантираат. Значи веќе се зголемува фондот на дарители, а кога ќе бидат донесени подзаконските акти, ќе стапи на сила и она доброволно пријавување.“

Во Македонија околу 160 пациенти чекаат трансплантација на бубрег. Додека трансплантациите од живи дарители се реализираат побрзо, пресадувањето органи од починати дарители и натаму е реткост.

Од Здружението „Нефрон“ апелираат институциите да спроведат национална кампања за подигнување на јавната свест за органодарителството, но и да обезбедат бесплатна типизација за пациентите.

„Ние апелираме до пациентите за да се прават типизациите, а до надлежните органи тие типизации да бидат бесплатни“, порачуваат од здружението.

Годинава во земјава се реализирани вкупно 16 трансплантации, од кои девет од живи и седум од починати дарители.

Проценките покажуваат дека околу 200.000 граѓани во Македонија имаат одредена бубрежна болест, додека околу 1.600 пациенти се на дијализа. Навременото откривање на бубрежните заболувања е од особено значење за спречување или забавување на нивното напредување.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што може да руча студент со 140 денари? | „Ноќно студио“ со Бленди Ходаи

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни