Полицијата го расчисти случајот со убиството на 38-годишниот маж чие тело беше пронајдено на обиколницата „Мајка Тереза“, во близина на селото Смилковци. За убиството е осомничен 38-годишен скопјанец, кој бил лишен од слобода по преземени оперативно-тактички мерки.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека Б.Ј. бил уапсен на 26 ноември, во рамки на истрагата за настанот од 21 ноември, кога било пријавено дека на обиколницата е пронајдено тело на лице без знаци на живот.
Полициските службеници утврдиле дека станува збор за Ш.Е. (38) од скопското село Љубин. При увидот била забележана прострелна повреда во пределот на ногата, а во близина на телото било пронајдено и патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кое претходно го управувал починатиот.
Со осомничениот бил извршен службен разговор, при што, според МВР, тој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело.
По целосното документирање на случајот и во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, денеска (27 ноември) Единицата за насилен криминал при СВР Скопје поднела кривична пријава по брза постапка против Б.Ј.
Тој се товари за кривично дело „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.