Breaking Процес Брдо-Бриони во Охрид
Македонија

Мрежата за заштита од дискриминација го стави и Тошковски на „ѕидот на срамот“: Бараат рокови за законските измени

Мрежата за заштита од дискриминација го стави и Тошковски на „ѕидот на срамот“: Бараат рокови за законските измени

Осум месеци по формирањето работна група за подобрување на законската заштита од насилство врз жените и семејно насилство, од предвидените измени на осум закони досега е предложена измена само на еден, која сè уште не е усвоена. Поради застојот, Мрежата за заштита од дискриминацијата го прозва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, ставајќи го на својот „ѕид на срамот“.

Тошковски е вториот носител на јавна функција кој се најде на листата на невладината организација, по претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Од Мрежата прашуваат зошто, и покрај седумте фемициди регистрирани во земјава годинава, сè уште не се донесени законските измени кои треба да придонесат за поефикасно спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство.

„Седум фемициди. Осум закони предвидени за измени. Ниту еден досега не е изменет. Продолжуваме со нашиот ‘Ѕид на срамот’, упатувајќи јавни прашања до Панче Тошковски, министер за внатрешни работи“, наведуваат од Мрежата.

Тие потсетуваат дека по трагичниот случај во Карпош, во кој животот го загубија Ивана Јовановска и нејзината малолетна ќерка Катја, била формирана работна група со задача да подготви измени на осум закони. За случајот, сопругот и татко на жртвите, Стојанче Јовановски, беше осуден на 12 години затвор.

Од организацијата оценуваат дека и по осум месеци нема конкретни резултати, па го прашуваат Тошковски што е преземено за усвојување на законските решенија во чија подготовка, како што велат, учествувал и самиот.

„Како ќе обезбедите ефикасна заштита на жените и девојките доколку не се препознаваат и именуваат сите форми на родово базирано насилство? Формирањето работни групи не е резултат само по себе“, прашуваат од Мрежата.

Од таму бараат министерот да се заложи предложените измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство да бидат усвоени најдоцна до 10 декември. Дополнително, бараат јавно да бидат објавени конкретни рокови за подготовка и доставување до Собранието на измените на преостанатите седум закони.

„Бараме рокови и одговорност, а не нови ветувања!“, порачуваат од организацијата.

Во меѓувреме, Тошковски во телевизиско гостување најави два проекти насочени кон превенција и заштита од семејно насилство. Едниот предвидува можност потенцијалните жртви да воспоставуваат видеоповици со МВР и Центарот за управување со кризи, додека другиот се однесува на опремување на полициските службеници со боди-камери до средината на 2027 година, преку кои видеосигналите директно би се испраќале до командните центри.

Иницијативата за „ѕидот на срамот“ Мрежата ја започна инспирирана од сличниот повик на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Преку неа ги прозива носителите на јавни функции од чие постапување зависи спречувањето на насилството и заштитата на жените.

Претходно, на „ѕидот на срамот“ беше поставен Африм Гаши, од кого граѓанските организации бараат да овозможи предлог-измените на законот, поднесени во август годинава, да се најдат на собраниска седница.

Гаши објасни дека измените сè уште не се ставени на дневен ред бидејќи се испратени на мислење до Владата. Владината портпаролка Марија Митева, пак, изјави дека очекува процедурата наскоро да биде завршена и владиното мислење да биде доставено до Собранието.

Прозивките доаѓаат во рамки на кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство“, во која невладините организации побараа итно усвојување на законските измени. Тие предупредија и на обиди за блокирање на процесот поради несогласувања околу употребата на термините „род“, „родово базирано насилство“ и „родов идентитет“.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што може да руча студент со 140 денари? | „Ноќно студио“ со Бленди Ходаи

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни