Судскиот процес против Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз неговата девојка Сара Ѓорѓиеска, денеска не продолжи откако одбраната побара изземање на сите јавни обвинители од Основното јавно обвинителство во Охрид. Поради ова барање, рочиштето беше одложено, а обвинетиот не се појави во судницата.
Покрај обвинителите, одбраната побара изземање и на судијката Александра Поп Стефанија и судијата Милчо Клишески. Сепак, овој дел од барањето не беше прифатен.
Адвокатот на оштетената Сара, Ѓоко Шајн, оцени дека со барањето за изземање се прави обид да се одолговлекува судската постапка и да се избегне одговорноста на обвинетиот.
„Бидејќи е побарано изземање на сите обвинители, вклучително и на јавниот обвинител кој постапува по предметот, во овој момент ниту еден од нив не може да постапува. Сметам дека ова е со цел одолговлекување на постапката и избегнување на одговорноста што ја има обвинетиот Кристијан Корабоски. Видовте дека не беше присутен во судницата. Тоа не е возможно, како што беше присутна оштетената, требаше да биде и тој. На наредните рочишта обвинетиот мора да се појави во судница и правда мора да има за овој случај“, изјави Шајн.
За барањето за изземање на основниот јавен обвинител треба да одлучи непосредно повисокото јавно обвинителство. По донесувањето на одлуката ќе може да се постапува и по барањето за изземање на останатите обвинители.
Следното судско рочиште е закажано за 1 декември.