Процесот на пристапување кон Европската Унија мора повторно да стане објективен и предвидлив, а секоја земја кандидат да напредува според сопствените резултати во спроведувањето на реформите. Тоа е една од главните пораки во заедничката изјава од состанокот на лидерите на Процесот Брдо-Бриони, одржан денеска во Охрид.
За Македонија е особено значаен делот во кој се наведува што треба да ги води одлуките за следниот чекор кон членство. Во изјавата се бара почитување и спроведување на обврските од правото на ЕУ и од релевантните меѓународни договори, со посебен акцент на владеењето на правото. „Одлуките за натамошните чекори кон членство треба да се водат исклучиво од овие принципи и од Копенхашките критериуми“, стои во документот.
На прес-конференцијата, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека лидерите разговарале за издвојување на билатералните спорови од пристапниот процес, особено кога станува збор за идентитетски прашања. Спорот меѓу Македонија и Бугарија не се споменува во текстот на изјавата.
Во документот се поддржува полноправно и навремено членство на сите земји од Западен Балкан, без да се наведе конкретен рок. Проширувањето се оценува како геополитичка потреба и за самата Унија, а за регионот како придонес кон безбедноста, стабилноста и економскиот развој.
Конкретно барање до ЕУ има и за транспортните, енергетските и дигиталните врски. При планирањето на инвестициите, земјите од Западен Балкан треба да се третираат како составен дел од европските мрежи. Во изјавата се повикува и на целосно искористување на парите од Планот за раст на ЕУ за реформи и за поблиско економско поврзување.
Поради заминувањето на младите и на стручните кадри, во Охрид е поддржана натамошната соработка меѓу директорите на агенциите за вработување. Лидерите сметаат дека треба да се разгледа како самите млади поактивно да учествуваат во Процесот Брдо-Бриони и како прашањата што ги засегаат да добијат поголемо место на следните состаноци.