Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека сака сите земји што учествуваа на денешниот самит Брдо-Бриони во Охрид да станат дел од Европската Унија, но го критикуваше правецот во кој се движи Унијата. На прес-конференцијата по состанокот предупреди дека ЕУ може да се претвори во „дисфункционална империја“ во која ќе доминираат поединечни држави.
Милановиќ ја опиша ЕУ како трговска и царинска унија со заеднички простор, која со години покажувала дека може одлично да функционира. Според него, Унијата нема капацитет да стане геополитички сојуз, а обидите да ѝ се даде таква улога се погрешен одговор на предизвиците со кои се соочува. Додаде дека ова е негов став и дека е свесен оти во Хрватска има и поинакви мислења.
За самиот самит, Милановиќ рече дека најсилниот впечаток од Охрид го носи од начинот на кој лидерите разговарале за прашањата околу кои се разидуваат. Потсети дека на некои од претходните средби атмосферата била толку непријатна што се прашувал дали процесот може така да продолжи.
„Ова досега беше најконструктивниот и најпријатниот состанок“, рече Милановиќ, кому, според неговата пресметка, ова му е седмо учество. Веднаш потоа додаде дека зборот „конструктивен“ можеби е пресилен бидејќи лидерите не донеле одлуки. Напредокот, според него, се гледа во тоа што учесниците се сослушувале со почит и кога имале различни ставови.
Милановиќ потсети дека Хрватска и Словенија ја покренале иницијативата за да им помогнат на соседите на патот кон ЕУ, во време кога и самата Хрватска сè уште чекала на членство. На крајот ѝ се заблагодари на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за пречекот и рече дека со задоволство би учествувал и следната година, со желба разговорот да се води во истата атмосфера како во Охрид.