Власта и опозицијата се уште имаат разлики за Законот за Јавно Обвинителство. Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, вели дека се блиску до постигнувањето компромис, а останале уште неколку прашања да се решат.
„Две-три точки за кои постојат разлики меѓу двете главни македонски политички партии се во врска со судбината на СЈО, вработените и предметите кои се отворени по 30 јуни 2017. За другите прашања сметам дека ќе може да се постигне компромис и консензус меѓу партиите“, изјави Артан Груби – пратеник.
Причината поради која дебатата меѓу власта и опозиција не се одвива во Комисија, е ризикот од истекот на дводневниот рок за дебата. Затоа странките дебатираат надвор од Комисијата, за да се вратат таму со усогласени ставови за 51 амандмани, 10 од кои се од ВМРО-ДПМНЕ.
Освен временскиот притисок од истекот на мандатот на Јанева на 15 септември, Груби вели дека има уште една причина зошто Законот за ЈО треба да се донесе што поскоро.
„Рокот кој всушност нас ни врши притисок е рокот на состанокот на Советот на ЕУ пред кој ние треба да излеземе со конкретни резултати од спроведувањето на реформите, еден од тие реформски закони е и Законот за ЈО и тој за Советот на обвинители“, изјави Артан Груби – пратеник.
Пратеникот Груби вели дека верува дека денеска ќе има и друга средба меѓу работните групи за предлог-законот за ЈО. ТВ21 неофицијално дознава дека таа средба ќе се одржи во 19 часот. На писмен одговор, пратеникот и претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошовски, потврди дека во неколку области има приближување на ставовите за концептот за структурата на новото обвинителство и дека се уште постојат разлики, односно дека постигнувањето заеднички текст не е лесен предизвик но не и невозможен.