Со новиот ребаланс на буџетот поради ниска реализација на капитални инвестиции, следува кратење на средства кај железниците, водоснабдителните системи, отпадни води, коридорот 10, рурален развој. Од планираните 420 милиони евра, со новиот ребаланс остануваат 370 милиони евра за капитални инвестиции.
„Во министерството за образование и наука имаме исто така кратење. 157 милиони денари кај Универзитетот „Мајка Тереза“ оставени се таму 50-60 милиони тоа што може да се реализира до крајот на годината, другото продолжува следната година. Имаме 136 милиони денари за доизградба на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура. Таму банкротираше „Бетон“ – Штип гаранцијата е повлечена и целосно поништен тендерот и се распишува нов тендер“, рече премиерот Зоран Заев.
Се кратат и средства за едно училиште поради неуспешен тендер, а планираните 114 милиони денари се префрлаат за училиште во Мала Речица.
Со новиот ребаланс Владата активира и нова мерка со која доколку работодавецот ја покачи платата на вработениот за 100 евра, тој ќе биде ослободен од придонеси за тоа покачување, одосно Владата ќе ги субвенционира компаниите.
„Предлог законот предвидува да се земе последните три месеци референтен период односно просекот. Што значи платата треба да се држи три месеци на одредено ниво, просекот од тие три месеци и над тоа дозволеното покачување е од 600 денари до 6000 денари“, изјави министерката за финансии, Нина Ангеловска.
Премиерот Заев на прашање на ТВ21 рече дека има уште сега компании кои ќе сакаат да ја злоупотребат оваа мерка, но тој најавува дека имаат решение и за тоа.
„За мерката веќе се зборува јавно, и одредени компании почнаа да ги намалуваат платите за да имаат подобра стартна основа. Ние тоа го следиме, можно е да се случи да бидат просечните плати од април, мај и јуни пример го кажувам ова затоа што државата мора да се заштити“, рече Заев.
Оваа мерка на владата ќе започне од октовмри оваа година, а ќе трае во следните три години. Целта е компаниите да ги задржат квалитетните кадри дома. А со ребалансот на буџетот за оваа мерка планирани се 200 милиони денари, за кои од Владата сметаат дека ќе бидат доволни.
Најавени беа и 400 милиони денари за субвениционирање на придонесите и 183 милиони денари за колекторскиот систем и заштита на Охридското езеро.