Македонија

Јанева го овласти Јовески за предметите на СЈО – „Овластувањето може да не се спроведе“, вели Тортевски

Иако во притвор, главната  специјална обвинителка Катица Јанева бара начин како да ја врши функцијата која и истекува по 11 дена.  Од казнено поправната установа, односно затворот во Шутка нарeдила обвинителите на СЈО да ги достават сите нивни предмети до Јавното обвинителство.

„Со ова овластување Јанева ги овластува обвинителите на СЈО да ги достават предметите до ЈО на РСМ, како што се: кривичните предмети кои се во судска постапка, во истрага или предистрага“, велат од СЈО.

Од „Рузвелтова“ исто така велат дека во текот на денот ќе достават допис до републичкиот обвинител Љубомир Јовески за да ги добие потребните информации за ова овластување, по што ќе се донесе одлука за натамошното постапување.

Во дописот ќе се имаат предвид и одредбите за овластувањето на Обвинителството, велат од СЈО. Но, законот за СЈО всушност не дозволува редовното обвинителство да ги преземе предметите на СЈО.

„Јавниот обвинител на Република Македонија или друг јавен обвинител не може да преземе истраги и следења на предмети кои се во надлежност  на Јавниот обвинител или одобрение со негов/нејзин ракопис.“, се вели во законот за СЈО – член 6, став 5.

А, како ќе постапи републичкиот обвинител Јовески, дали ќе ги бара предметите на СЈО, останува да видиме. Тој не одговори на повиците на ТВ21. Од Јавното обвинителство потврдуваат дека го добиле писмото од Јанева, но порачуваат дека ќе одговорат откако ќе го разгледаат барањето.

Ниту од СЈО не кажуваат како ќе постапуваат во случај да им бидат побарани предметите на кои работат веќе 4 години.

Екс советникот на СЈО, адвокатот Александар Тортевски вели дека обвинителите од ова обвинителство сега се на непознат терен и не знаат како да постапуваат. Според него, законско решение би било најдоброто нешто. Овластувањето не е наредба, затоа, според него, не  е неопходно да се спроведе.

Овластувањето Јанева го испраќа во период кога власта и опозицијата не можат да најдат  заеднички јазик за судбината на предметите на СЈО и вработените во ова обвинителство, вклучувајќи ги и обвинителите и сите други останати. Неуспешните преговори го одолговлекуваат и предлог законот за Обвинителството  кој се уште се наоѓа во Собраниската комисија за европски прашања.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни