Безбедносната состојба во земјава е стабилна. Нема никакви индикатори ниту внатре во нашите граници, ниту надвор од границите во блискиот и поширокиот регион дека таа би можела битно суштински да се влоши до ниво да го загрози интегритетот и суверенитетот на државата. Сепак, влегуваме во период кој може да биде турбилентен и од политички, но и безбедносен аспект, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски по состанокот на советот за безбедност. Вечерва во Вила Водно е одржана првата конститутивна седница на Советот за безбедност на која претставници од надлежните служби и надлежните министерства реферирале за безбедносната состојба во земјата и во регионот со импакт на внатрешната безбедносна динамика. Националниот Совет за национална безбедност го сочинуваат девет члена. Покрај шефот на државата, по функција членови се и претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев и министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за надворешни Никола Димитров и за одбрана Радмила Шекеринска. На седницата, иако бил поканет не присуствувал лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Од неговата партија велат дека средбата е окарактеризирана како формална, на која не се разговарало за битни теми, па поради тоа не е пракса да присуствува лидер на опозициска партија.