И по 9 месеци по усвојувањето на законот, нотарските печати се уште не се на албански јазик. Законот за употреба на јазиците предвидува употреба на албанскиот јазик и кај нотарите и на нивните печати.
Но, на измените од пред три недели на Правилникот за нотарските печати, Министерството за правда го смени само името на државата, но не го додаде и албанскиот јазик. Како резултат на тоа, сега печатите се само на македонски јазик. Членот на Одборот на Нотарска комора, Насер Зибери, вели дека комората делува врз основа на одлуките на министерството.
„Како резултат на тоа, Комората на нотари нарача промена на печатот согласно правилата одредени од Министерството за правда, во чиј рамки делуваме и ги спроведуваме законските и подзаконските акти на МП“, рече Зибери.
Од кабинетот на министерката Рената Дескоска кратко ни рекоа „Законот за јазиците се спроведува директно, не мора со Правилник“.
Тахир Хани од меѓуресорската група за спроведување на законот, за ТВ21 рече дека Законот има одредба во која се вели дека и кога институциите не го усогласиле нивниот закон и подзаконските акти, сепак тие го спроведуваат законот за употреба на јазиците.
„Не го амнестирам ниту МП која усвои Правилник каде не се предвидува службена употреба на албанскиот јазик, но повторувам има многу институции кои не го усогласиле нивниот Закон со Законот за употреба на јазиците, но законот за јазиците е посебен закон и тој треба сите да го спроведуваат“, вели Хани.
Зибери вели дека знае за таа одредба, но додава дека се уште не е истечен временскиот рок од една година за Законот за јазиците да има поголема сила од законските и подзаконските акти, кои можеби не се сменети.
„Законот излезе на Службен Весник на 14 јануари 2019, што значи дека не е истечен предвидениот рок со закон, но и тогаш кога ќе се исполни тој услов, МП треба на Нотарската комора да и даде насоки како да се делува во случајот на употребата на печатите.“, изјави Зибери.
Значи, останува оваа прашање да се регулира од Министерството за правда како надзорник на работата на нотарите. Зибери дури го поставува прашањето зошто МП не го усогласува законот за нотарски услуги со одредбите за употреба на јазиците, бидејќи на член 39 од сегашниот закон за нотари пишува дека документите и потврдите нотарите ги составуваат исклучиво на македонски јазик.