Ќе постигнат ли договор премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за законот за Јавното обвинителство. Лидерската средба која е закажана за утре во 20 часот во Собранието, ќе се фокусира на изнаоѓање конечно решение за Законот за јавното обвинителство. Потпретседателот на СДСМ Мухамед Зекири за ТВ21 изјави дека нема да отстапат од нивните црвени линии за законот.
„Законот како и да е мора да биде донесен. Нашите црвени линии веќе се познати. Не треба да има компромис во борбата против организираниот криминал и корупција. Ние не можеме да го сфатиме однесувањето на опозицијата која по секоја цена сака да ги заштити криминалците од своите редови, односно јавните фигури од таа партија од претходниот режим кои се гонат од страна на правосудните органи“, изјави Мухамед Зеќири.
Главен камен на сопнување и натаму се предметите отворени по јуни 2017 година. Мицкоски не се откажува и од прашањето за одржување предвремени избори и најави дека и ова барање ќе го стави на маса. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека многу важно дали власта ќе покаже сериозност на средбата на работните групи, а потоа и на лидерската, но и да се избегне практиката по секој позитивен исчекор да има враќање наназад.
„ВМРО-ДПМНЕ и досега покажала дека се што е во интерес на Република Македонија и на граѓаните на Република Македонија активно учествувала и придонесувала кон подобрување на состојбите и кон напредок на државата во евроатлантските интеграции, во однос на носење закони кои што навистина носат квалитет во понатамошното делување на државата. Секако тоа не е безусловно и не може да се поддржи било каков законски текст само за да се каже дека е донесен законски текст“, изјави Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Од ДУИ велат дека средбата ќе биде во билатерална форма меѓу Заев и Мицкоски, а дека нивното присуство е непотребно поради тоа што тие доставиле амандмани околу употребата на албанскиот јазик во постапките.
„Доставивме амандмани за да биде опфатен и албанскиот јазик во постапките на Обвинителството и затоа е непотребно нашето присуство, бидејќи ние поддржуваме основање на Обвинителство со зголемени надлежности за гонење на корупцијата од избраните лица и назначени од Владата. Сметам дека треба да се постигне здрав компромис кој заеднички би се усвоил во Комисијата за европски прашања, а потоа и на пленарна седница“, изјави Артан Груби од ДУИ.
Законот за јавното обвинителство се очекува да биде донесен најдоцна до 15 септември, а за негово усвојување е потребно двотретинско мнозинство. Законот за јавното обвинителство е оценет како клучен закон во процесот на евроинтеграциските процеси на земјава и добивањето датум за преговори.