Вака градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, зборуваше за време на изборната кампања. Веќе два дена, ТВ21 од него бара одговор до каде е барањето за отворање албански паралелки во ОУ„Његош“, но никој од општината не се одѕва на нашите прашања. Денеска, до општината отидовме заедно со Ризван, кој сака неговите деца наставата да ја следат на мајчин јазик. Вели дека и тој се обидел да стапи во контакт со градоначалникот, но не успеал да го добие на телефон.
Ризван бара да дознае до каде е постапката и зошто сѐ уште не се отворени паралелките на албански јазик?
Министерот за образование, Арбр Адеми и првиот човек на Гази Баба, Георгиевски, се сретнаа пред две недели, кога ветија итно решение. Досега ништо конкретно не е направено, а во меѓувреме 12 деца Албанци сѐ уште не седнаа во училишните клупи. Недостапен за објаснување е и директорот на училиштето „Његош“. Инаку, учениците Албанци од ова училиште, наставата на албански ја следат само до петто одделение. Веќе од шестото се принудени да учат на македонски јазик или пак да се запишат во најблиското училиште во кое се изучува нивниот мајчин јазик.