Кривичниот суд го одби барањето како неосновано за укинување на мерката притвор на Катица Јанева и со тоа се прифати барањето на шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска од пред два дена за продолжување на притворот. Со ваквата одлука Јанева останува во притвор во Шутка уште нови 30 дена. Деновиве нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска во изјава за ТВ21 рече дека целта поради која е изречена мерката притвор може да се исполни со други поблаги мерки и дека се отпаднати основите за определување мерка притвор бидејќи Јанева веќе нема статус на специјален јавен обвинител. Во соопштението од Кривичен се наведува дека до судија на претходна постапка кој постапува по предлог на одбраната на Катица Јанева за укинување на мерката притвор и определување гаранција денеска е доставено негативно мислење.
Инаку кај Рускоска која го води случајот „Рекет“ цели два и пол часа исказ даваше претседателката на Собранието на невладината организација Меѓународен сојуз на Боки 13. Таа не сакаше да зборува пред камерите и на прашањата одговараше кусо. Рече дека не знае каде се парите кои бизнисмените ги уплаќале на невладината организација.
Во Организиран криминал денеска повторно беше повикан бизнисменот Зоран Азманов кој даде дополнение на претходниот исказ. Тој Боки 13 го нарече несреќен случај. Азманов пред неполна година најави дека ќе поднесе кривична пријава против Боки 13 кој според неговите тврдења му барал рекет од 50 илјади евра за да не ја емитува емисијата Инсајдер и дека наводно за него имал документи од финансова полиција и СЈО.
Претходно уште рано изутрина во обвинителството за организиран криминал исказ даде и продавачката на луксузен салон на брендот Пјер Карден, поради сомнение дека наводно Боки 13 токму оттаму купувал облека но и мебел.