Стотина млекопроизводители од Пелагонија излегоа на протест поради доцнење на субвенциите.
„Не е извршена исплата за 18 месеци субвенции за разни култури за млеко и за стока.“, вели еден земјоделец.
„И за 2018, не само за 2019 година. Па сега протестираме да видиме што може да направиме“, рече земјоделец.
„Воопшто не сме задоволни“, од лошо по лошо. Две години од млекото немаме земено ниту денар. И што да се пофалиме кога сме прегазени“, истакнува еден од земјоделците.
Се жалат дека субвенции се исплаќаат само на правни лица.
„Од 2017 година последниот квартал не е исплатен. Цела 2018-та и еве 2019 година за субвенции за млеко не се исплатени, а за житарици не се исплатени за 2019 и за тутун од минатата реколта не се исплатени на физички лица, само по правни лица се исплатени“, рече еден од оние кои протестираа.
На протестот се приклучија и други земјоделци.
„Јас моментално тука се наоѓам и им се придружувам на млекарите. Мислам дека не им се исплетени субвенциите. Исто и јас за пченица немам добиено.“.
Раководителот на подрачната единица на Министерството за земјоделие во Битола им вети на земјоделците дека исплата ќе има со ребалансот на буџетот.
„Тоа што сакам да ви го кажам е дека со ребалансот на буџетот, парите ќе бидат префрлени во агенцијата за развој и до крајот на оваа година ќе имате исплата за 2018 година.“, вели Методија Илиевски.
Но, земјоделците велат дека парите сега им требаат.
„Треба да купиме силажа. Нас сега ни требаат парите, сега купуваме силажа. Сега таа е 2 денари, а подоцна е 6 денари.“, вели еден од земјоделците.
„Слушнете ме, почетокот на октомври месец ќе започни со исплата. Во текот на наредните месеци ќе ви бидат исплатени за 2018 година“, вели Илиевски, а на ова се придодаде еден земјоделец:
„Ама да бидат зголемени, оти тогаш силажата ќе биде 4 денари, а не 2 денари.“
Ребалансот на Буџетот со кој како што велат надлежните треба да се исплатат субвенциите е во собраниска процедура.
Вчера протест одржаа и лозарите поради сушата и ниските откупни цени од винариите. Министерот за земјоделство Трајан Димковски рече дека во протестите вмешани се партиски структури.