Работните групи на власта и опозицијата утре на нова средба во Собранието, во обид да ги доближат ставовите за предлог законот за Јавно обвинителството.
Ова е прва нивна средба по неуспешната лидерска на премиерот Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.
Всушност не е јасно за што уште треба да се договорат. Најдискутабилните прашања за иднината на предметите и обвинителите на СЈО де факто се решени.
Барањето на опозицијата обвинителите на СЈО да се вратат во матичните обвинителства веќе е исполнето. Од друга страна исполнето е и барањето на власта предметите на СЈО да се префрлат во Основното обвинителство.
Сега тоа не се спомнува веќе, туку двете страни разговараат за европските начела.
„Ние разговорите ги продолжуваме со искрена волја за договор на приницпиелни основи со имплементирање на европски стандарди. За жал исходот не зависи од нас, туку од спремноста на другата страна да ја помогнат евроинтеграцијата на нашата земја“, велат од министерството за правда.
И вицепремиерот Бујар Османи пред некој ден, иако не потврди дека има некаков таен договор меѓу двете страни, рече дека разликите се само технички, а не суштински.
Нејасно е само што ќе биде со предметите и истрагите на СЈО започнати по 30 јуни 2017 година и употребата на бомбите во судските постапки. Останува да се види и структурата на обвинителството за следење криминал и корупција. Власта предложила да се формира посебно обвинителство кое би следело само криминал и висока корупција, а неговиот главен обвинител да биде на предлог на најголемата опозициска партија.