Протестите во Чашка против албанските паралелки се со политичка позадина, вели екс судијката за човекови права Маргарита Цаца Николовска. Според неа, правото за образование на мајчин јазик е гарантирано со устав и остварувањето на ова право не би требало да предизвикува никакви реакции.
Од друга страна, професорот Авзи Мустафа вели дека одговорност за ова треба да се бара од Премиерот кој прокламираше едно општество за сите. Тој смета дека ваквите ситуации се исценирани од самите партии заради политички поени.
„Грешка е што денес секој мисли така, но секој знае дека без соживот во унитарна држава како што е Македонија, тешко може да се егзистира. Затоа, секој обид за манипулирање со учениците и родителите е фатална грешка, партиите се обидуваат да ги искористат овие луѓе, кои не размислуваат логично, кои се раководени од политичките лидери кои не и посакуваат добр ниту на државата ниту на народот“, вели Мустафа.
Во основното училиште Тодор Јанев во Чашка десетици родители Македонци протестираа во дворот на училиштето барајќи да не се отворат албански паралелки на територија која според нив е етнички чиста.