Премиерот Еди Рама ја откажал средбата со претседателот на РСМ Стево Пендаровски, кој викендов беше во службена посета на Албанија.
Пендаровски се сретна со неговиот албански колега Илир Мета и собранискиот спикер Грамоз Ручи, но не и со премиерот Еди Рама, иако според агендата беше предвидена средба.
“Средбата не се одржа по најавата за итни обврски на премиерот Еди Рама. Промената во агендата е направена со заеднички договор на двата протокола”, велат од кабинетот на Пендаровски.
Од претседателскиот кабинет информираат дека по откажувањето, во телефонски разговор Рама му се извинил на Пендаровски велејќи дека средбата ја откажал поради лични здравствени причини.
ТВ21 побара објаснување и од кабинетот на премиерот Рама, но не добивме одговор.
Во врска со ова следеа реакции од опозицијата во Тирана. Пратеничката Рудина Хајдари, откажувањето на средбата го нарече срамен чин.
„Срамота е тоа што премиерот Рама ја откажа средбата со претседателот на РСМ. Тој ја откажа средбата 30 минути пред закажаниот термин. Ова е недоличен чин за нашата држава да откаже таква посета на толку високо ниво, особено имајќи предвид дека Северна Македонија е држава сојузничка која чекори заедно со нас на патот кон ЕУ“, изјави Хајдари.
Реагираше и екс премиерот на Албанија, Сали Бериша кој напиша дека средбата се откажала бидејќи на Рама не му се допаднала изјавата на Пендаровски со претседателот Мета во врска со почетокот на преговорите.
“Веднаш Рама ја повика Директорката на државниот протокол и и рече да го извести претседателот Пендаровски дека се откаже средбата Рама – Пендаровски, напишал Бериша на Фејсбук цитирајќи го тоа што тој го нарекува “дигитален дипломат“.
Тоа што беше главна вест од заедничката конференција Пендаровски – Рама, е предлогот на претседателот на Македонија во следниот период да се одржи вонреден самит на земјите од Западен Балкан, на кој ќе се разговара за “проширување на меѓусоседните односи и за отфрлањето на алтернативата за проширување“. Доколку се постигне договор, Самитот ќе се одржи во Македонија.