Македонија

Ангеловска ја „поништи“ одлуката на Тевдовски, прогресивниот данок се стопира во следните три години

Примената на прогресивниот данок на личен доход се става во мирување на 36 месеци, односно до 2023 година. Во овој период, доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права како и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи ќе се оданочува со стапка од 10 проценти.

Во мирување ќе биде ставена и стапката од 15 проценти, што значи дека стапка од 10 проценти ќе се применува и за оданочување на доходот од права на индустриска сопственост, закуп и подзакуп, капитал, капиталните добивки, од осигурување и другиот доход.

Прогресивниот данок беше една од долгонајавуваните мерки на оваа влада, но новата министерка тврди дека анализите покажале дека е прерано за вакво нешто.

„Ние веруваме во праведно општество и веруваме во придобивките од прогресивниот данок на доход, затоа што може да ја подобри распределбата на доходот во системот. Затоа, би сакала уште еднаш да укажам, дека не станува збор за укинување, туку станува збор за одложување за 36 месеци.“, рече Ангеловска.

Како што кажа министерката, одложувањето се должи поради бурните реакции и носењето на одлуката по куса дебата. Додава дека не треба брзо да се носат даночни реформи.

Сепак, реакции имаше и на денешната нејзина одлука и тоа од нејзиниот претходник, кој беше единствен министер сменет од долго најавуваната „метла“ на Зоран Заев.

„Пратениците на СДСМ, пред да гласаат за ова, нека помислат дали се за бришење на Социјалдемократски од името на СДСМ.
Посебно од страна на луѓе што немаат врска со СДСМ…, напиша Тевдовски на фејсбук.

Кога беше министер Тевдовски се залагаше за воведување на прогресивен данок и тврдеше нема да се одрази врз животниот стандард на населението. Поддршка добиваше и од премиерот Зоран Заев.
Сепак, тој не е единствениот кој реагираше. Се огласи и поранешниот советник на Заев, професорот Бранимир Јовановиќ.

-Да бидеме начисто. Со одлуката да го „одложи“ прогресивниот данок, Владата ќе им даде 30-40 милиони евра на најбогатите 1% во оваа држава. Не на сиромашните, не на работниците, не на земјоделците, не на студентите, не на младите, туку на Заевци, Кочовци, Нини, Камчевци и Мијалковци, напиша Јовановиќ на Фејсбук.

Даночните реформи, меѓу кои и прогресивниот данок стартуваа од 1 јануари 2019 година. Освен даночната стапка од 10 проценти се воведе и стапка од 18 отсто која ќе се однесуваше на даночна основа што надминува еден милион и осумдесет илјади денари на годишно ниво, односно 90 илјади денари на месечно ниво. За даночната основа до еден милион и осумдесет илјади годишно и до 90 илјади месечно остана примената на даночна стапка од 10 отсто.

Тевдовски воведувањето на прогресивниот данок го правдаше со тоа што многу граѓани немаат пристап до квалитетно образование и здравство, бидејќи државата нема доволно пари.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни