Зоран Заев и неговата десна рака Драги Рашковски се летнати во облаци, па можеби токму затоа им требаат хеликоптери. Но тоа не е и не смее да биде оправдување за криминал и штетни договори тешки десетици милиони евра.
Владата молчи за деталите од договорот со фирмата „САРХЕМС“, со кој што на човек фирма, формирана 24 дена пред објавување на јавниот повик, треба да и се платат огромни 72 милиони евра.
Молчат Заев и Рашковски, но затоа членовите на Комисијата за спроведување на јавната набавка не сакале да молчат.
Целиот проект смрди на криминал и затоа, според информациите кои ги имаме, двајца од членовите на Комисијата не се согласуваат и даваат издвоено мислење во Извештајот за постапката.
Затоа, повторно јавно прашуваме, дали во одвоените мислења се посочува дека документацијата на приватниот партнер не била целосна и дали некој од документите на фирмата фаворит на Заев и Рашковски се доставени со задоцнување и надвор од роковите?
Затоа јавно прашуваме дали Комисијата не можела или не сакала да се изјасни околу иновативниот начин на кој партнерот на Заев си одбрал за да си наплати од Македонија 72 милиони евра?
Дали е точно дека побарале мислење и од Јавното претпријатие за државни патишта околу идејата извесниот Саша Ѓаковиќ да земе процент од наплатата на патарините?
Дали е побарано мислење и од АД М-НАВ и од АЦВ во врска со одвојување на процент од наплатата за прелетите или авионските билети, односно патничката такса?
Многу сомнежи за криминал, а уште пострашен молк од Рашковски и Заев. Дури кружат гласини дека и на мислењата од институциите им се става степен на класификација за истите да се сокријат од јавноста.
Како што наближуваат изборите, и денот кога граѓаните ќе им кажат дека доста ја уништуваа и пљачкосуваа Република Македонија, така криминално-рекетарската банда предводена од Заев се и се побезобразно краде.
Тазе основаната фирма на извесниот Ѓаковиќ е единствениот понудувач на владиниот повик. Затоа фирмата сама со себе си се наддава на електронската аукција која е одржана 25 октомври и нормално, останува на првично понудената цена за монополот, односно 10.000 евра месечно. Во превод, тоа значи дека државата ќе плати на фирмата 72 милиони евра, плус ќе и ги даде на располагање сите објекти и опрема во центарот за обука на пилоти во износ на 10 милиони евра. А, за возврат за сите 8 години приватниот партнер ќе плати на државата 960.000 евра. Да не беше трагично, ќе беше смешно.
Значи имаме една фирма која што конкурира и си се наддава сама со себе, а притоа е основана само 24 дена пред објавата на повикот. Имаме сомнителни „иновативни” методи за собирање на 72 милиони евра. Имаме сериозна информација дека три документи кои се доставени до Комисијата по крајниот рок и тоа: потврда за успешно завршена работа од ист или сличен тип, сертификат за работен капитал и потврда дека нема прекршочна санкција за фирмата. Исто така имаме издвоено мислење на членовите на Комисијата и класифицирано истото од страна на институциите кои ги доставуваат.
Практично ги имаме сите основи да се сомневаме дека на повидок е уште еден голем криминал.
Тоа што немаме е транспарентност од владата и одговори кои ги чекаат граѓаните.
Зоран Заев и криминално рекетарската банда околу него се на прагот да испумпаат 72 милиони евра од граѓаните и да ги дадат во форма на концесија односно приватно партнерство на фирма основана пред дваесетина дена.
Државата е повеќекратно во загуба. За да можат граѓаните да разберат за каква измама се работи, доволно е да се знае податокот дека со 72 милиони евра колку што Заев ќе даде за 8 години може да се купат 15 најсовремени хеликоптери за медицинска итна помош или повеќе од 1.500 најсовремени амбулантни возила.
Уште еднаш потсетуваме власта да не си игра со државата и парите на граѓаните. И уште еднаш да ги потсетиме дека секој криминал ќе биде санкциониран.
Прашање: Вчера на дебатата за изборниот законик, и покрај поканата Мицкоски не беше присутен, од она што јас го добив како коментар е дека не сте чувствувале потреба бидејќи за оваа тема разговарате на работните групи. До каде сте со работните групи и уште едно прашање околу најавата на Зоран Заев дека доколку не се усогласите дека ќе се обиде со 61 пратеник ќе се усвои тој закон за една изборна единица?
Одговор: Околу најавата на Заев очекувам дека ако не го направил тоа во текот на вчерашниот ден, во текот на денов да даде изјава во која се предомислува, бидејќи тоа е начинот на кој што функционира. Нашиот став е добро познат и јасен и многу пати кажан во јавноста, прво што треба да се направи е да се усвојат препораките од страна на ОБСЕ; ОДИХР и секако на канцеларијата на Европската Унија, и тука работните групи работат и се веќе во, можам да кажам една напредна фаза. Очекуваме што е можно побрзо истите да се донесат бидејќи е неопходно, да не го оставаме тоа непосредно во периодот пред распишувањето, односно започнување на изборите. Во однос на самиот модел на избори, многупати досега кажавме исто така јавно кој е нашиот предлог. Тоа е мнозински модел со 120 изборни единици. Без разлика дали ќе се прифати нашиот предлог или ќе остане на ова што сега го имаме како изборен модел исто така не треба да забораваме дека менување на изборен модел на закажани и договорени избори на неколку месеци од сега од правна гледна точка и од аспект на граѓаните исто така во моментов сметаме дека не треба да се случи. Меѓутоа секако дека она што го предлагаме го оставаме како една отворена врата да продолжиме со разговорите, нормално ако најдеме заеднички јазик, онака како што е правено секогаш во минатото со консензус помеѓу политичките партии истото да се случи и во идниот период.
Прашање: Рековте треба да се прифатат препораките на ОБСЕ и ОДИХР, меѓутоа нивните препораки се една изборна едница и отворени листи?
Одговор: Не таква препорака нема во нивните препораки, нивните препораки се однесуваат на многу други работи коишто можеби се недоречености или контрадикторности во самиот Изборен законик во однос на другите закони.
Прашање: Дали има ваши пратеници коишто би гласале за една изборна единица?
Одговор: Нашиот став е добро познат, нашата пратеничка група во Собранието на Република Македонија ги почитува правилата на она што како партиски став го имаме.
Прашање: Во врска со назначувањето на Рамчиловиќ, односно предлогот не знам дали помина дали се изгласа за Потпретседател на собранието, отвори во јавноста полемика што ќе биде со оние пратеници, особено оние 7 пратеници коишто останаа, тоа дополнително се подгреа кога Александрова рече дека разговарале со Мицкоски, дека тие разговори биле вредни, вие како генерален секретар добро ја познавате и структурата и се што се случува. Сакам да ве прашам има ли шанси овие пратеници да се вратат во ВМРО-ДПМНЕ или партијата ќе остане на оној став што го имаше кога ги исклучи?
Одговор: Ние остануваме нормално на нашиот став, многупати ова се разговарало во јавноста особено во периодот пред речиси една година, така да дополнително да коментирам ставови или да коментирам одредени дејанија на одредени луѓе коишто се надвор од партијава, навистина мислам дека нема потреба, сепак ние сме најголема и најсериозна партија во Република Македонија, мислам дека треба да останеме на некое ниво однос на коментирањето и гледањето на работите.