Примероци од хемикалијата која вчера се излеа во фабриката Охис се анализирааат во лабораторија при штипскиот универзитет. Остатоците од метил акрал сега се собрани во специјални буриња и ќе бидат транспортирани во Швајцарија за уништување.
Дали фирмата која го добила тендерот за отсранување на високотоксичната материја направила пропуст ќе треба да покаже извештајот кој ќе биде готов следната недела.
„Не е токсична материја, нема детектирано во воздухот никакви штетни материи. Тоа брзо се распаѓа во воздухот, сакам да ги уверам граѓаните и наша задача е да ги контролираме дали се почитуваат протоколите“, вели заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули.
За фирмата „Екоцентар 97“ ова било прво искуство со ваква материја. Директорот на компанијата ги прошета надлежните на терен, вели дека фирмата нема вина, туку вентилот кој бил дотраен.
„Ние не сме знаеле, граѓаните први осетиле, ние не сме присутни нон-стоп тука. Ние обавуваме одредени активности од време на време. Се случил дефектот, но ние не знаевме и граѓаните алармирале. Веднаш кога добивме сознанија излеговме на терен, но веќе беше случено тоа“, изјави сопстевеникот на фирмата која е задолжена за чистење „Екоцентар 97“.
Еко активистот Тони Никушевски кој поседува обука за управување со опасен отпад, тврди дека се направени пропусти.
„Не видовме како се држи оваа работа под контрола во смисла на поставување на една ограда од мерни инструменти кои може да детектираат концентрацијата на одреден радиус во оддалеченост од самото место за инцидентот. Доколку имаше ќе ги предупредеа граѓаните во одредена насока“, изјави Тони Никушевски – еко активист.
Од Владата нема соопштение ниту предупредување, но докторот Чибишев дели дека ова е токсична материја која лесно испарува и штети на здравјето.
„Се работи за токсична суспстанца која што има неповолно дејство на здравјето на луѓето. Посебно кога се доаѓа во непосреден контакт со неа или кога се доаѓа во контакт со испарувањето, бидејќи станува збор за лесно испарлива течност. Тие испарувања во контакт со очите, предизвикуваат воспалување на очите, предизвикуваат иритација на респираторниот систем, која иритација во зависност од степенот може да предизвика сериозни нарушувања во респираторниот систем. Исто така може да предизвика и тешки алергенски реакции“, вели професор д-р Андон Чибишев.
Фирмата пак која го доби тендерот да чисти опасен отпад, е регистрирана под шифра 38.21 односно обработка и отстранување на безопасен отпад. Претходно добила тендер во Велес тежок 1,3 милиони денари, се занимавала и со откуп, преработка и собирање на обоени и необоени метали, а во август годинава изнајмила и опрема на Универзитетската клиника за хематологија за вредност од 118.000 денари.
За метил акрилат мономер можеби и немаше никогаш да дознаеме дека го имало во Охис доколку не се случеше овој инцидент. Таму остануваат уште 11-тина други „бомби“ меѓу кои и жива, пестициди кои треба да се остранат. Најопасен е линданот, за кој холански научници велат дека покрај почвата и водата и самите објекти во Охис се контаминирани.