Македонија

Судење за „Ласкарци“ – Сведок го смени исказот: „Не се сеќавам дека имало уред за манипулација со тахографот“

Сведок на обвинителството што работел како возач во Дурмо турс на релацијата Гостивар-Скопје, на денешното рочиште за автобуската несреќата кај Ласкарци, беше сослушан како „непријателски сведок” откако кажа дека не е точен неговиот исказ во обвинителството и оти не се сеќава дека кажал дека во автобусот имало уред за манипулација на тахографот.

Поради контрадикторност на денешниот исказ на сведокот Бесник Халими со тој во обвинителството, јавниот обвинител Дарко Јакимовски побара од Судот да му дозволи да му го предочи неговиот исказ.

Откако судијката Диана Груевска Илиевска дозволи, обвинителот Јакимовски на сведокот му го прочита неговиот исказ во ЈО, каде кажал дека во автобусот што учествувал во несреќата имало вградено таков уред за кој морало да знае Ремзи Мифтари бидејќи тој бил шеф на возен парк.

Сведокот Халими кажа дека тоа не е точно и не го кажал така во обвинителството.

– Немам врска со оваа линија од 2014 и не можам да се сетам на што било. Јас не сум така интелигентен како што Вие читате. Јас сум 62 години и кратко ви одговарав и вие ме влечевте со зборови. Ми дадовте да го потпишам, но јас не го прочитав, изјави сведокот.

Сведокот Бесник Халими, претходно кажа дека работел како возач во Дурмо турс од 2007 до 2014 година на релацијата Гостивар-Скопје.

Додека работел во Дурмо турс донеле три нови, во добра состојба Сетра автобуси од Германија, меѓу кои и тој со кој се случила несреќата.

– Го имам возено и тој автобусот, но не можам да се сетам кога. Кога имавме некакви проблеми, како дупната гума, промена на масло или поправка на прозор и слично му се јавувавме на Ремзи Мифтари, а некогаш и на Дурмиш, изјави сведокот.

Прашан дали во автобусот имало уред за манипулација на тахографот и тој го однел во сервис во Автокоманда, сведокот Халими рече дека не се сеќава на таков уред за манипулација и дека го има носено автобусот на баждарење и сервис на тахографот во Скопје, но не се сеќава каде.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни