Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја обвини СДСМ дека со програмата „План за живот“ ги излажала граѓаните. Вели дека наскоро ќе им дојде крај на сите измами. Мицкоски се осврна на дел од ветувањата на СДСМ од областа на образование што ги дала пред да дојде на власт.
Портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов, вели дека е добро што Мицкоски почнал да ги чита програмите, порачувајќи му да почне да учи нешто, а не само да го лаже народот. Вели дека токму ВМРО-ДПМНЕ, 11 години го погазувала достоинството на наставниците.
Согласно договорот постигнат меѓу Синдикатот на образование и наука и Министерството за образование, од 1-ви јануари просветните работници ќе земаат плата повисока за 10%. Другите барања на СОНК се однесуваат на измена и дополнување на колективните договори за основно и средно образование, надомест за превоз на наставниците, регрес за годишен одмор, исплата на прекувремените часови, ревидирање на исплатата на часовите за комбинирана настава.