Македонија

Димитров: Северна Македонија останува посветена на исполнување на заложбите на ОБСЕ

Министерот за надворешни работи Никола Димитров во обраќањето на 26-от Министерски совет на ОБСЕ истакна дека Северна Македонија е целосно посветена на исполнувањето на сите заложби на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, ја поддржува нејзината улога, и е благодарна на поддршката што таа ја дава на нашата држава.

Димитров ја нагласи важноста и потребата од поголема ангажираност на земјите-учеснички во ОБСЕ за модернизација на Виена документот. Ја реафирмираше посветеноста на земјава за натамошно исполнување на обврските и заложбите кон Организацијата, соопшти МНР.

„Не може да се постигне напредок доколку нема целосно почитување на заедничките вредности: почитувањето на човековите права, основните слободи и демократските норми, економските слободи и одговорноста за постапките“, рече Димитров.

Тој искажа честитки за постигнувања на актуелното словачко претседателство со ОБСЕ, и целосна поддршка на претстојното албанско претседавање со Организацијата во 2020 година.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни