Исплатата на повратот од ДДВ односно 15 посто од пресметаниот данок, кој започна од вчера се однесува на првото тримесечие од оваа кампања, односно за месеците јули август и септември. Првите пари се префрлени на дел граѓаните кои скенирале фискални сметки, а во текот на неделава ќе бидат исплатени и останатите. Премиерот Зоран Заев како и министерката за финансии Нина Ангеловска велат дека преку оваа мерка парите се враќаат директно кај граѓаните, а најавија и дека секоја скенирана сметка влегува во извлекување на наградна игра.
„Со тоа што скенирате само фискална сметка за мој ДДВ донесовте 70 милиони евра досега, пари во Буџетот. 70 милиони евра, само од сивата економија. Тоа и порано се плаќало, само некој не го плаќал во Буџетот. Сега секој граѓанин е инспектор“, рече Заев.
„Секоја фискална сметка ќе биде потенцијално добитна, бидејќи слоганот на кампањата е „секоја сметка е важна“. Со тоа се бориме против сивата економија, граѓаните заедно учествуваат во борбата против сивата економија“, вели Ангеловска.
Ветениот поврат на ДДВ заврши како фијаско, реагира преку соопштение опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од оваа партија, целата кампањата ја оценуваат како популистичка.
„Наместо ветените 500 евра од поврат на ДДВ граѓаните добиваат по 1.000 денари и тоа не сите, и тоа ќе го добијат помалку од 10 проценти од потенцијалните корисници на оваа мерка на Владата на СДСМ. Но затоа, милиони евра завршуваат во џебовите и сметките на функционерите од власта чии фирми добиваат тендери, јавни набавки, грантови и слични повластици од народните пари“, реагираат од опозицијата.
Од Управата за јавни приходи информираат дека од 170 илјади граѓани во првата исплата е префрлен повратот на ДДВ кај 16 илјади и 600 лица. Вкупно за првото тромесечие ќе бидат исплатени околу 3 милиони евра, а максималниот износ кој може да го добие едно лице е 1.800 денари.