Ден по пуштањето во јавност на новите снимки во кои наводно се слуша гласот на Орце Камчев во кој во разговор со друго лице упатува големи закани особено кон премиерот Заев од СДСМ велат дека таквите снимки воопшто не се пријатни и дека времето на насилство помина. Заменик претседателот на владејачката партија Радмила Шекеринска вели дека за со ова треба да се позанимаваат институциите
„Ние, особено претседателот на нашата партија измина период во кој заканите беа секојдневна работа. Закани кон семејство, закани кон блиски, не сакаме тоа време да се врати. И очекуваме институциите кои што се задолжени и за безбедност и за истраги тоа да го направат“, рече Шекеринска.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека снимките се само уште еден од притисоците и начините на власта за да го сврти вниманието од себе во случајот Рекет.
„Се што се презема сега е само во насока власта да може да изврши притисок врз главниот сведок а можеби и оштетен, за да може да се затскрие себеси и нивната улога во оваа огромна тешка афера“, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Во неколкуте кратки снимки кои вчера се појавија на Јутјуб се слуша наводно гласот на Орце Камчев во кои тој бара да му биде завршена некаква работа од Вице Заев, а во спротивно се заканува дека, како што вели ќе бомбардира со материјали од Бугарија. Во една снимка пак вели дека бил свесен дека можел да заврши во затвор но дека тоа немало да се случи. Исто така дека сакал да ги сруши Заеви, а во друга во разговорот бара од соговорникот да му пренесе некаква порака на премиерот.
Шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска рече дека за овие снимки не се дел од доказите доставени до обвинителството, а најави и дека ќе поведат истрага за нив.