4NEWS.mk

Прилеп со поголем буџет за 2020 година, 56 проценти за капитални инвестиции

Советниците на Општина Прилеп изгласаа, а Прилеп доби поголем буџет за 2020 година. Проектираните приходи од 1,5 милијарда денари, според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски се поголеми за 11 отсто, а приходите на основниот буџет носат зголемување за 21,22 отсто.

-Вкупните приходи на буџетот на Општина Прилеп за 2020 година се проектирани на 1.538.035 000 денари и се за 11 отсто поголеми во однос на  досегашниот буџет. Приходите, пак, на основниот буџет се 684 милиона и 400 000  денари, што претставува зголемување за 21,22 отсто од минатогодишниот буџет, рече Јованоски.

Јованоски нагласува дека за 2020 се одвоени големи средства за капитални инвестиции, и тоа преку 370 милиона денари за поголемите зафати.

-Во буџетот за наредната година 173,5 милиони денари се наменети за изградба и реконструкција на улици и локални патишта, во кои спаѓаат реконструкцијата на мостот на улица ‘Трајко Николоски’, зимското одржување и одржување на хоризонталната и вертикална сигнализација, потоа 50 милиони денари за градскиот базен и 45 милиони денари за градинката во населба „Точила“, 36,6 за реконструкција на булеварот ‘Гоце Делчев’, 30 милиони денари се наменети за Старата прилепска чаршија, 37,6 милиони денари за изградба и за одржување на паркови, зелени површини и за јавната чистота, набројува Јованоски.

За Јованоски и за претседателот на Советот Миле Талески, буџетот е развоен зашто 56 проценти од средствата се за капиталните инвестиции.

– Покрај капиталните проекти, тука се ставките во буџетот кои се однесуваат на помошта на социјално загрозените граѓани, пред сѐ, преку мерката за субвенционирање на 5 метри кубни потрошена вода за пиење месечно. Од аспект на заштита на животната средина, одделени се 4 милиони денари за инсталирање инвертери, 2 милиони денари за субвенции за набавка на велосипеди, како и 2 милиони денари за реконструкција на покривите на неколку згради, односно станбени објекти во градот, рече Талевски.

Прилепските советници се согласија да почне постапката за преземање на фудбалскиот клуб „Победа“ во сопственост на Општината, како и да се определи бесплатен градски превоз за пензионерите, односно за граѓаните постари од 62, односно 64 години.

Извор: Сител телевизија

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни