ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот за технички министер за внатрешни работи да биде полковник Драган Ковачки и ја повика СДСМ да го прифати предлогот. Од опозициската партија не сакаа да ја коментираат изјавата на Гордана Силјановска која уште вчера рече дека според Уставот активно воено лице не може да раководи со МВР, но дека овој предлог не е преседан. Од ВМРО-ДПМНЕ не откриваат дали по вчерашната изјава на Заев, имало телефонски разговор со Мицкоски и што се договориле, но велат дека меѓусебните консултации продолжуваат.
„Апсолутно ако гледаме според тие изјави не би требало да има пречка и сега да биде направен еден таков преседан особено што се работи за технички министер кој што треба да даде една регуларност во изборниот процес. Нема да влезам во уставни толкувања доставен е предлог, тоа што бараме и тоа што повикуваме е да не се одложуваат работите, да не се кочи професионалец, предлог кој што би требало да влезе на местото технички министер во МВР“, рече Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
По вчерашното оспорување на Ковачки за технички министер, денеска опозицискиот лидер Христијан Мицкоски се јави со реакција на својот фејсбук профил.
„Поставувањето на врвен професионалец на чело на МВР без ниту една дамка во кариерата не е природна средина за челниците на власта. Наместо ова да биде правило во нормална држава, ваквиот предлог се доживува како исклучок, и затоа е голем отпорот во власта.“, напиша Мицкоски.
Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е спротивен на Уставот и затоа партијата треба да предложи друг кандидат, преку соопштение го повторија ставот од владејачката СДСМ. Оттаму велат дека членот 97 од Уставот е јасен и кршењето на Уставот не е и не може да биде ниту право ниту правда, ниту принцип.
„Политички е целосно погрешно да се промовира кршење на највисокиот правен акт во државата Уставот. Ниту една политичка партија пред граѓаните не смее да помисли да излегува со неуставни предлози. Ја повикуваме ВМРО-ДПМНЕ да се издигне на висината на задачата и одговорноста која ја има со влезот во предната влада и порачуваме дека остануваме отворени за наоѓање прифатливо решение со кое нема да се крши Уставот“, се вели во соопштението на СДСМ.
Премиерот Заев вчера сепак остави простор дека до 3 јануари кога треба да биде изгласана техничката Влада се уште има доволно време да постигнат согласност со Мицкоски.
„Сакам да дадеме шанса имаме уште неколку дена пред нас да изнајдеме кадровски решенија кои што ќе ја пополнат преодната влада за да може да се тера процесот. Секако ќе разговараме за ова прашање, верувам дека ќе најдеме решение. Дојдовме до тука ние законите ги усогласивме поминаа во Собранието, двете страни, опозиција и власт покажаа волја дека сакаат да одат по она што е разговарано и верувам дека можеме да успееме.“, рече Заев.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети по вчерашната средба со Мицкоски рече дека се работи за професионалец и докажан во својата кариера но не спомна ништо дека тој предлог е спротивен на Уставот. Од оваа партијата за ТВ21 излегоа со став дека за тоа оценка треба да дадат компетентни институции.
„Ние разговаравме за подготвеноста и компатибилноста на кандидат за технички министер за внатрешни работи за да се обезбеди општоприфатлив изборен процес, согласно Законот за Влада и Пржинскиот договор, додека за правните и процедурални прашања треба да се произнесат компетентните институции“, изјави Артан Груби.
Доколку се усогласат власта и опозицијата, на 3 јануари треба да се гласа Техничката влада во која како што предложи СДСМ технички премиер ќе биде Оливер Спасовски, Мила Царовска го презема вицепремиерското место за економија на Кочо Анѓушев кој и претходно најави дека по Нова година заминува од функцијата. За дополнителни заменици избрани се Славјанка Петрова за МВР и Санела Шкријејљ за труд и социјала.
Од ВМРО ДПМНЕ се уште не откриваат и кои се другите решенија кои треба да ги предложат и тоа за технички министер во труд и социјала, како и дополнителни заменици во министерствата за земјоделство, информатичко општество и администрација и во финансии.