Драган Ковачки не може да биде технички министер за внатрешни работи, бидејќи член 97 од Уставот на Северна Македонија вели дека за министер може да се назначи цивилно лице или 3 години пред именувањето да не е дел од војската или полицијата, оценуваат експертите по уставни прашања.
Предлогот за Ковачки за министер за внатрешни работи не е единствен случај. Тоа се случило и претходно со екс министерот за внатрешни работи, Митко Чавков и Силјан Аврамовски како и случајот за актуелниот заменик министер, Беким Максути.
Независно од ова, Темелко Ристески вели дека Ковачки не може да биде министер бидејќи тоа е противуставно.
На исто мислење е и екс претседателот на Уставен суд, Трендафил Ивановски. Тој смета дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски треба да предложи ново име за министер за внатрешни работи.
Но, кој е Драган Ковачки?
Од професионален аспект тој има богата биографија од сферата на безбедноста. Доаѓа од Армијата со чин полковник. Учествувал во мисии на НАТО, а бил и на многу обуки во САД и Европа за борба против тероризмот и контраразузнавањето. Бил дел од специјалната единица Волци а учествувал и во вооружениот конфликт во 2001.
Тој вчера беше предложен од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ за технички министер за внатрешни работи. Премиерот Заев не го одби предлогот но изрази дилема дали воена фигура може да биде министер цитирајќи го член 97 од Уставот.
Предлогот на Ковачки доаѓа во рамки на формирањето Техничка влада, 100 дена пред предвремените парламентарни избори закажани за 12 април 2020, а се паѓа најдоцна на 3 јануари. Ова е предвидено со Пржинскиот договор кој вели дека во техничката влада, министер за внатрешни работи предлага опозицијата, во случајов, ВМРО-ДПМНЕ.