Македонија

Собранието пренатрупано со предлог-закони – СДСМ некогаш го сметаше за пазарење, денес „принципиелно начело“

СДСМ кога беше во опозиција за само 103 закони велеше дека тогашната власт, ВМРО-ДПМНЕ се пазари со законите. А сега кога е на власт, таа предлага над 120 закони кои чекаат усвојување во Собранието. Тогаш големиот број закони и сметаше за пазарење со закони, а сега лидерот на оваа партија и премиер, Зоран Заев истото го оценува како принципиелно начело чија цел е усогласување на другите закони со Законот за казни.

Но, истата реторика како онаа на СДСМ кога беше во опозиција, сега ја користи ВМРО-ДПМНЕ. Портпаролот на оваа партија, Наум Стоилковски големиот број предлог закони доставени во Собранието го нарече пазарење со гласови пред изборите на 12 април 2020.

Инаку, само на 27 декември и 23 декември на пленарна седница имаше над 120 предлог закони и Собранието работеше и по полноќ.

Големиот број предлог закони стана причина за несогласувања меѓу премиерот Заев и пратениците во Собрание. Заев и претходно и се закани на опозицијата дека доколку не се усвојат суштинските закони со кои се предвидува покачување на пензиите и платите од јануари 2020, ќе ги откаже парламентарните избори закажани за 12 април.

Оваа закана предизвика реакции од неколку пратеници. Фадиљ Зендели од Беса оцени дека премиерот имал време за усвојување на законите, Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека со големиот број закони се прекршува деловникот за работа на Собранието, додека Артан Грубиод ДУИ смета дека до 11 април ќе се усвојат потребните закони и нема да има потреба од откажување на изборите.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни