Прв пат претседателите на парламентите на 6 држави од Западен Балкан на покана од претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли седнаа на заедничка маса. На средбата беше кажано дека ЕП не се откажува од ставот дека ЕУ треба да почне пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Токму ова е и целта зошто претседателот на ЕП, Сасоли го организираше овој самит.
„Ова е нова иницијатива на ЕП од усвоената резолуција минатата година за поддршка на двете земји кои не ги започнаа преговорите. Мислам дека директната комуникација на највисоко ниво е дополнителна вредност за размена на гледишта, за постигнувањата на земјите една по една и очекувањата за постигнувањата. Верувам дека ова ќе даде дополнителна мотивација следниов период“, истакна Тачат Џафери.
Претседателот на Собранието на Косово, Глаук Коњуфца рече дека учеството на Косово на овој самит е многу важно.
„Собранијата од овој аспект се со вонредно значење и сето тоа се поврзува и со реформите што треба да ги направат земјите аспиранти за полноправни членки во ЕУ. Парламентите се тие кои не само што ја усвојуваат легислативата која треба да се усогласи со таа на ЕУ, туку имаат и надзорна улога врз работата на владата“, посочи Глаук Коњуфца.
Таулант Бала претседател на парламентарната група на Социјалистичката партија потврди дека со овој самит, Европскиот парламент гледа на Западен Балкан како земја која ќе му се придружи на европското семејство.
„ЕУ, особено ЕП на Западен Балкан гледа како на земји кои во иднина ќе му се приклучат на европското семејство. За таа цел сме овде во историски момент и во врска со тоа што ќе се објави следната недела во врска со новата методологија за проширување“, додаде Таулант Бала.
На средбата присутни беа и претседателот на собранието на Црна Гора, БиХ и Србија.
Заедно со Сасоли усвоија и потпишаа декларација за заедничкиот ангажман и посветеност меѓу парламентите во процесот на проширување на ЕУ.