Дел од вработените во општинската администрација во Општина Аеродром деновиве беа обучени како да воведат родова перспектива во своите програми, што во следната фаза ќе помогне за родово одговорно буџетирање.
– Знаењата што беа стекнати на обуката преку практични и стратегиски вежби, дефинирање на соодветни индикатори и мерки на работилницата, општинската администрација во иднина ќе може да креира родово избалансирани политики, а на тој начин и жителите на Општина Аеродром ќе добијат еднакви можности и подобри услови за живот, соопштија од општина Аеродром.
Обуката ја одржа екипа на UN Women во рамките на проектот „Промоција на родово одговорни политики и буџети: кон транспарентно, инклузивно и отчетно управување во Република Северна Македонија“, финансиски поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка и Шведската агенција за меѓународна соработка и развој – Сида. Oбуката ја следеше и дел од администрацијата на Општина Гази Баба.