Македонија

АФЕРА ТЕШКА 1,7 МИЛИОНИ ЕВРА: Одземен пасошот на Билал Кара, под истрага 11 лица!

АФЕРА ТЕШКА 1,7 МИЛИОНИ ЕВРА: Одземен пасошот на Билал Кара, под истрага 11 лица!
Фото: 4news.mk

Претседателот на Управниот одбор на приватната Европска очна болница, Билал Кара, остана без пасош и доби забрана за напуштање на државата во рамки на истрагата за сомнителни финансиски трансакции поврзани со операции на очи. Судот му определил и обврска редовно да се јавува, додека мерки на претпазливост се изречени и за останатите приведени осомничени.

Во центарот на истрагата е сомнеж за двојна наплата на офталмолошки интервенции – еднаш од пациентите, а вторпат од Фондот за здравствено осигурување. Според досегашните информации, се истражува можна финансиска штета од над 1,7 милиони евра, а постојат сомнежи дека биле оштетени околу 4.000 пациенти.

Во случајот се опфатени вкупно 11 осомничени лица за повеќе кривични дела, меѓу кои и поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев. Кара бил лишен од слобода по наредба на надлежен обвинител поради сомнение за перење пари и други приноси од казниво дело.

Проверките во Фондот за здравствено осигурување траеле речиси една година, а истрагата опфаќа сомнежи за внесување невистинити податоци во електронскиот систем и изготвување фактури со невистинита содржина.

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека проверките ќе се прошират и во други приватни здравствени установи кои имаат договори со Фондот. Тој порача дека доколку се утврдат злоупотреби, средствата треба да бидат вратени преку соодветна судска постапка.

Во меѓувреме, Европската очна болница категорично ги отфрла обвинувањата. Од установата тврдат дека никогаш не оштетиле ниту еден пациент, ниту финансиски, ниту здравствено, и дека продолжиле да обезбедуваат здравствени услуги и без поддршка од Фондот.

Истрагата продолжува, а конечната одговорност на осомничените ќе се утврдува во судска постапка.

Ноќно студио

Најнова епизода

Барутана, „Треска“ и кула од 105 метри: Каде оди Скопје? Ноќно студио со Билјана Ф. Тодорчевска

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни