Македонија

Акциска контрола во Кочани и Виница: 59 казни, тројца приведени и одземени три мотоцикли

Акциска контрола во Кочани и Виница: 59 казни, тројца приведени и одземени три мотоцикли
Фото: 4news.mk

Вкупно 59 прекршоци, три приведени лица и три одземени мотоцикли е билансот од акциската контрола што полицијата ја спроведе на подрачјето на Кочани и Виница, насочена кон возачите на мотоцикли и електрични тротинети кои не ги почитуваат сообраќајните правила.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, контролата била реализирана вчера во периодот од 17 до 22 часот од страна на Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи.

Во текот на акцијата биле изречени 59 санкции. Најголем дел, односно 34, се однесуваат на управување мотоцикл без заштитен шлем. Дополнително, санкционирани биле еден возач на електричен тротинет, едно лице поради истечена полиса за задолжително осигурување, едно поради истечена регистрација на мотоцикл, три лица поради управување без соодветна возачка категорија, едно лице поради возење под дејство на алкохол, две лица за други прекршоци поврзани со управување мотоцикл, како и уште 16 лица за останати сообраќајни прекршоци.

При контролата полицијата открила и три кривични дела. Од слобода биле лишени три лица, меѓу кои и еден малолетник, поради сомнение дека сториле кривично дело „управување со моторно возило без да поседуваат возачка дозвола“ согласно член 297-а од Кривичниот законик. Воедно, одземени биле три мотоцикли.

Против сите сторители ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Од МВР најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период, а до сите учесници во сообраќајот упатија апел доследно да ги почитуваат правилата и прописите со цел зголемување на безбедноста на патиштата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни