“Алчноста го расипува човекот“ рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети, коментирајќи го скандалот Рекет кој ја одведе во притвор специјалната обвинителка во заминување, Катица Јанева. Меѓутоа тој не мисли дека зад овој скандал стои некој кој го испланирал случајот.
„Нашиот народ има една поговорка, една филозофија која вели дека алчноста го расипува човекот. Јас мислам дека овде станува збор за алчност и според моите процени не станува збор за некакво сценарио, бидејќи за да се влезе во тие шеми, дека има сценарио овде а не таму, тоа значи дека треба да се оддалечиме од објективот за да се открие вистината“, рече Ахмети.
Лидерот на ДУИ не ја крие разочараноста од Рекет, кого го нарече повеќе од скандал.
„Разочарани сме бидејќи ова е лошо за правдата. Специјалното обвинителство е избрано за да се бори против криминалот и корупцијата и за да воспостави правда во земјава а не да прави уште поголеми гадости“, вели Ахмети.
Од друга страна, лидерот на ДУИ на “Рекет“ гледа како на лекција за поголема одговорност, а побара повеќе внимание во иднина околу изборот на Обвинител кој ќе се бори против криминалот и корупцијата.
Зборувајќи за продолжувањето на отворените предмети од СЈО, Ахмети рече дека тоа се прашања од правдата во кои не сака да се меша, но побара поодговорен третман на случајот Рекет, водејќи ја истрагата до крај велејќи дека ова претставува тест за оние кои го спроведуваат законот, дали ќе ја изнесат вистината на виделина која сите толку многу ја очекуваат.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ