Македонија

Алиу: Направивме голем чекор напред во органодарителството

Алиу: Направивме голем чекор напред во органодарителството

Министерството за здравство го финализираше процесот за воведување електронска евиденција на граѓаните кои сакаат да бидат органодарители, преку нов модул во системот „Мој Термин“. Со ова, полнолетните граѓани ќе можат директно кај својот матичен лекар да ја изразат својата волја за дарување органи по смртта.

Министерот за здравство Азир Алиу, на прес-конференција заедно со националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, оцени дека унапредувањето на органодарителството е еден од најзначајните и најуспешно завршени процеси во здравствениот систем.

„Со измените на Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело заради лекување, државата направи важен чекор. Од тема за која долго време се зборуваше со страв и неизвесност, создадовме процес кој е јавен, одговорен и достоинствен“, изјави Алиу.

Според него, секој полнолетен граѓанин при посета на својот избран матичен лекар ќе може јасно да се изјасни дали се согласува по смртта да биде донатор на органи и ткива.

Пред да ја даде изјавата, лекарот ќе има обврска да го информира граѓанинот за значењето на одлуката, правните последици и можноста таа во секое време да биде променета.

Изјавата ќе се потпишува лично, ќе биде заверена од матичниот лекар и ќе се внесува во националната листа преку електронскиот систем за здравствени евиденции.

Од Министерството посочуваат дека пристапот до податоците ќе биде строго ограничен и контролиран, а секој увид во системот ќе биде евидентиран. Граѓаните ќе можат во секое време да ја променат својата одлука, при што ќе важи последната внесена изјава.

Паралелно со воведувањето на модулот, се подготвуваат и дополнителни подзаконски акти со кои ќе се регулираат начинот на водење на националната листа, пристапот до податоците и постапката за давање или промена на изјавата.

Министерот Алиу упати благодарност до националната координаторка за трансплантација, медицинските тимови, лекарите и сите учесници во развојот на системот за органодарителство, оценувајќи дека нивната работа е клучна за спасување човечки животи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни