Македонија

Алиу со личен пример во реформата за донорство: Јас ќе бидам првиот што ќе потпише да ги донира органите по смртта

Алиу со личен пример во реформата за донорство: Јас ќе бидам првиот што ќе потпише да ги донира органите по смртта

Министерот за здравство, Азир Алиу, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“ испрати силна порака до јавноста, најавувајќи дека тој лично ќе биде првиот граѓанин кој ќе го пополни новиот формулар за донорство на органи веднаш штом законските измени ќе стапат на сила.

Оваа изјава доаѓа во контекст на новата реформа со која се предвидува секој граѓанин да може во текот на животот, во координација со својот матичен лекар, официјално да се изјасни дали по смртта сака да биде донор.

Алиу потенцираше дека политичарите и функционерите мора секогаш да даваат личен пример кога се воведуваат вакви крупни и хумани реформи во општеството.

„Јас реков во моментот кога системот ќе биде готов и законот ќе помине, јас ќе бидам првиот донатор кој ќе се пријави за да може тој формулар да го пополнам. Навистина ценам дека е многу позитивно и после нашата смрт, дел од нашите органи да продолжуваат и да даваат поквалитетен живот за граѓаните во нашата држава“, изјави министерот Алиу.

Со овој потег, тој сака да го отстрани тешкиот товар од семејствата, кои во моменти на најголем шок и тага, во рок од само 24 часа, мора да носат одлуки за донирање на органите на нивните блиски. Според министерот, правото на личен избор во текот на животот е многу покорисно и поефикасно решение.

Поттикнат од хуманиот гест на министерот, и уредникот на емисијата јавно вети дека веднаш по него, тој ќе биде вториот граѓанин кој ќе се потпише во системот за донорство на органи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни